Почнаа промените во Полска: кандидат на опозицијата избран за спикер на парламентот
Еден месец по изборите во Полска почна процесот за симнување на владејачките популисти од Право и правда (ПиС) од власта. На денешната прва седница на новиот парламент (Сејм), кандидатот на опозцијата, Шимон Холовнија, лидер на партијата Полска 2050, беше избран за маршалек (спикер) на Сејмот со 265 гласа, а кандидатката на ПиС, Елжбиета Витек, освои 193.
ПиС освои најмногу гласови на изборите на 15 октомври, но не може ниту сама ниту со можниот коалициски партнер, контроверзните крајни десничари од Конфедерација, да обезбедни мнозинство. Сепак, претседателот Анджеј Дуда му го додели мандатот за состав на владата на сегашниот премиер Матеуш Моравјецки (ПиС). Доколку Моравјецки не успее, тогаш според полскиот устав, самиот парламент го избира мандатарот. Кандидат на обединетата опозиција е поранешниот премиер и претседател на Европскиот совет, Доналд Туск.