Почнаа археолошки истражувања на нов локалитет во Виничко


Група арехолози од музејот „Теракота“ од Виница почнаа со нови ископувања и истражувања на локалитетот Русалински гробишта во близина на селото Виничка Кршла.

Истражувањата се дел од проектот од национален интерес што финансиски го помага Министерството за култура, а поддршка обезбеди и локалната самоуправа на Виница.

– Во првичните ископувања, во кои се вклучени археолози и студенти по археологија, откриени се повеќе гробови и два тумула. Конструкцијата на гробовите е од камени плочи чии димензии достигнуваат 1,50 м. Локалитетот е на обработлива површина и подложен е на уништување од механизација, а со самото тоа што гробовите се на површината на теренот стравуваме и од нелегални ископувања од дивите копачи. Овој локалитет досега не бил истражуван и имаме многу малку податоци за истиот, така што очекуваме да добиеме точна слика за временскиот период кога била користена некрополата, а преку движниот материјал да обезбедиме информации за погребните форми и обичаи во овој малку истражуван регион. Истовремено би добиле покомплетна слика за микрорегионот во кој престојувале Пајонците, истакна Благица Стојанова, виш кустос во музејот „Теракота“ и раководител на проектот.

По завршените истражувања на Коколов рид, месноста Русалински гробишта е второ археолошко наоѓалиште во атарот на селото Виничка Кршла, на кое работи виничкиот музеј „Теракота“.

Претходните ископување дадоа интересни податоци и артефакти од железното и римското време, особено за погребните манифестации од тој период во источниот дел на државата.