Почна втората фаза од продажбата на мундијалските влезници, билет за финалето чини од 550 до 1.460 евра


Втората фаза од продажбата на влезници за Светското фудбалско првенство во Катар почна денеска и ќе трае до 28 април во 11 часот по средноевропско време, соопштија организаторите.

– Лицата чие барање за влезници ќе биде одобрено ќе бидат известени за исходот по пат на електронска пошта до 31 мај, објави Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА).

За навивачите од странство цените на влезниците за групната фаза се движат меѓу 62 и 200 евра, додека билет за финалето чини од 550 до 1.460 евра.

Цените на влезниците за катарските државјани се движат од 10 до 190 евра за првата фаза од Мундијалот.

Влезниците за завршниот турнир што од 22 ноември до 18 декември ќе се одржи во Катар во просек се за 30 отсто поскапи во однос на Светското првенство 2018 во Русија.