Почна враќањето на ДДВ за граѓаните за второто тримесечје


Започна исплатата на повратот на ДДВ на граѓаните за месеците април, мај и јуни, односно второто тримесечје од 2020, соопшти денес преку Фејсбук, министерката за финансии Нина Ангеловска.
Досега на сметките на над 140 илјади граѓани се легнати над 167 милиони денари или 2,7 милиони евра, вели таа.
Ангеловска додава дека исплатата продолжува и деновиве, како што ќе се доставуваат налозите до Трезорот на Министерство за финансии, се додека не се исплатат сите средства на трансакциските сметки на граѓаните за второто тримесечје од 2020:
„Поврат: 5,44 милиони евра; Граѓани кои скенирале сметки заклучно јуни: 304.637 граѓани или околју 25.000 повеќе во однос на претходното тримесечје; Скенирани сметки: 41,7 милиони сметки; Направен промет: 21,4 милијарди денари“, вели во објавата.
Ангеловска исто така вели дека и резултатите на МОЈДДВ за јули се одлични, при што објаснува дека се скенирани 21,5 милиони сметки или за 80 отсто повеќе во однос на просекот од сите останати месеци.
„Со МОЈДДВ граѓаните добиваат трикратна корист: помагаат во сузбивањето на сивата економија, добиваат поврат на ДДВ и добиваат можност за бројни парични награди преку #МојаНаграда“, вели Ангеловска