Почна „Викендот без ДДВ“ за домашни производи и услуги и ИТ опрема – се враќа целиот данок за промет до 30 илјади денари


Фото: Б. Грданоски

Викендот без ДДВ, долгонајавуваната мерка на Владата од утринава почна да се применува. Се однесува на домашни производи и услуги и компјутери и ИТ-опрема за кои ќе се враќа целиот износ на платениот ДДВ, за промет до 30 илјади денари направен денес, утре и задутре.

Тоа значи дека граѓаните ќе добијат назад 18, односно 5 отсто од вкупниот износ на фискалната сметка, под услов сметките да ги скенираат преку апликацијата на УЈП „Мој ДДВ“. Доколку се пречекори овој рок или се надмине износот, или пак, доколку на сметките има и производи кои не се означени како домашни, тогаш повратот на данокот ќе се врши според редовната стапка од 20 отсто од уплатениот ДДВ. Односно, за прометот над 30.000 денари ќе важат вообичаените правила за поврат на 20 отсто од платениот ДДВ за домашните производи и услуги и 10 отсто за странските, а повратот ќе се врши по истекот на тримесечјето.

Парите од уплатениот данок за време на „Викендот без ДДВ“ на граѓааните ќе им бидат вратени на нивните трансакциски сметки во рок од 15 дена, или до крајот на овој месец, објасни вчера ВД директорот на УЈП, Фарук Омери.

Она што многумина граѓани ги буни е што спаѓа под ИТ опрема. Според објаснувањето од специјализираните трговци со компјутери и друга опрема, кои се повикуваат на упатството што го добиле од УЈП, основен критериум е висината на данокот. Односно, како што велат, поголемиот дел од опремата која е со даночна стапка од 5 отсто спаѓа во ИТ опрема, а доколку е со 18 отсто тогаш не влегува во критериумите за поврат на целиот износ на данокот.

Тоа значи дека лаптопи, деск топ компјутери, монитори, ССД меморија и тн, спаѓаат во оваа категорија, но не и рутери и мрежна опрема, која се оданочува според редовната повисока стапка на ДДВ.

„Разликата е во тоа што за одредени производи кои се означени на нашата страна за викендов имате право на поврат на цел ДДВ. За повеќето производи кои се обележани имате право на поврат на целото ДДВ кое изнесува 5 отсто“, се вели во одговорот на фејсбук страницата на еден од поголемите трговци со ИТ опрема во земјава.

Од таму додаваат дека според информациите објавени од УЈП и Владата во акцијата „Викенд без ДДВ” ќе бидат опфатени сите производи кои се со повластена ДДВ стапка од 5 отсто според според царинска терминологија. Во оваа група не е вклучена мрежната опрема.

Оние кои се заинтересирани да купат ИТ компоненти, ќе треба да го земат во предвид ова, бидејќи не сите се опфатени со мерката на Владата.

„Зависи од компонентата, куќиште на пример е со 5 отсто ДДВ и спаѓа во ИТ опрема, додека напојување е со 18 отсто ДДВ и не спаѓа во ИТ опрема“, се вели во објаснувањето од специјализираните продавници, кои препорачуваат да се склопи цела конфигурација.

До вчера, според првиот човек на УЈП, Имери, околу 350.000 граѓани ја имаале симнато апликацијатаа „Мој ДДВ“ и можат да ја користат оваа мерка. Според најавите на министерот за економија Крешник Бектеши, од Владата очекуваат оваа бројка да достигне 400.000 граѓани. Според проекциите на Владата мерката ќе придонесе овие три дена да се направи вкупен промет од 170 милиони евра, што ќе помогне како на стопанството, но и на граѓаните за кои се очекува да добијат назад околу 17 милиони евра.

ВД директорот наа УЈП, Омери, вчера на прес конференција ги повика граѓаните масовно да го искористат претстојниот празничен викенд, секако применувајќи ги протоколите за заштита од КОВИД.

„Во нашата држава има на располагање голем асортиман домашни производи почнувајќи од прехрана, текстил, облека, градежни материјали и друго, што значи има широка лепеза на проиводи и услуги и граѓаните може да ги направат потребните набавки“, рече Омери, додавајќи дека мерката се однесува и на ИТ опремата независно од нејзиното потекло. Тој ги повика трговците да ги направат соодветните подготвки со цел на сметките јасно да се разграничат домашните од странските производи. (М.Ј.)