Почна судскиот процес против Блатер и Платини


Швајцарија – Под обвиненија за финансиски измами денеска во Швајцарија почна судскиот процес против поранешниот претседател на УЕФА Мишел Платини и поранешниот прв човек на ФИФА Сеп Блатер.

Процесот против поранешните челни луѓе на европскиот и светскиот фудбал се води во Кривичниот суд во Белинцона, а пресудата треба да биде соопштена на 8 јули.

На Французинот Платини (66) и Швајцарецот Блатер (86) им се заканува казна затвор до пет години поради „финансиски измами и корупција“.

Обвинителство ги товари дека ја оштетиле ФИФА за два милиони швајцарски франци, средства кои му биле исплатени на Платини врз основа на договор за советодавни услуги што двајцата обвинети го склучиле во 1999 година, а со кој на сметката на Французинот биле префрлани 300.000 швајцарски франци годишно.

Во јануари 2011, повеќе од осум години од завршувањето на советничките услуги, Блатер, односно ФИФА, му исплатила на Платини два милиони швајцарски франци врз основа на наводни заостанати побарувања.