Почна со работа Стопанска лизинг – компанија на Стопанска банка АД Скопје

Ќе бидеме застапени во сегментот на автомобилската индустрија, камиони, приколки и автобуси, како и опрема, а во иднина сакаме да го развиеме и делот на недвижностите, беше истакнато на свеченото отворање


Компанијата „Стопанска лизинг“, во 100 процентна сопственост на „Стопанска банка“ АД Скопје, од денеска е присутна на македонскиот пазар со понуда на финансиски и оперативни лизинг производи за физички лица и компании.

Свеченото отворање се одржа со присуство и целосна поддршка на претставниците од Управниот одбор на Стопанска банка и претставниците од Групацијата на НБГ давајќи и цврста потпора на новата компанија во планираниот развој и работење.

Генералниот извршен директор и претседател на УО на Стопанска банка, Диомидис Николетопулос истакна дека претставува голем предизвик да се носат со наследството од речиси 80 години во банкарството со постојан стремеж кон иновација и понатамошен развој со цел да се оствари уште посветла иднина.

„Ми претставува задоволство што денес отпочнуваме со уште една дејност во нашето портфолио со ветување дека на клиентите на Лизинг компанијата ќе им овозможиме највисоко ниво на финансиска поддршка и советување, впрочем, како и на клиентите на Стопанска банка АД – Скопје“, рече Николетопулос.

Жарко Кржаловски, директор на „Стопанска лизинг“, на отворањето на просториите на компанијата во центарот на Скопје, истакна дека лизинг пазарот се збогатува со нов финансиски партнер на компаниите и физичките лица, поддржан од брендовите Стопанска банка и Групацијата на НБГ.

„Ќе се погрижиме во иднина на нашите клиенти да им овозможиме поголеми можности за финансирање, пред се, на финансиски и оперативен лизинг, кои ќе бидат застапени како производи. Ќе бидеме застапени во сегментот на автомобилската индустрија, камиони, приколки и автобуси, како и опрема, а во иднина сакаме да го развиеме и делот на недвижностите. Исто така, ќе се трудиме нашите производи да ги развиваме за потребите на клиентите и на пазарот, изјави Кржаловски.