Почна снимањето на „Денот на Жената” на Гоце Цветановски, ангажиран крими трилер со силен кастинг


Почна снимањето на филмот „Денот на Жената“, во режија на Гоце Цветановски. Денеска во Скопје падна првата клапа. Покрај главниот град, сцени од филмот ќе бидат снимани и на локации во Куманово. Неговото снимање треба да заврши до крајот на октомври.

Станува збор за социјално ангажиран крими трилер кој се фокусира на темата трговија со луѓе, со посебен акцент на насилството врз жените. Пораката на филмот е оптимистичка, дека сепак правдата е посилна од неправдата.

-Многу сум среќен што после толку труд, посветеност и работа, конечно ми се отвори можноста да работам долгометражен игран филм. Се надевам дека со овој филм ќе отвориме една нова димензија во македонската филмска индустрија, каде што комерцијалниот и уметничкиот дел ќе бидат подеднакво застапени. Исто така, очекувам темата да привлече голем интерес кај публиката, па и контроверзија поради својата ангажираност и провокативниот пристап. Воедно, би сакал да се заблагодарам на целата екипа, бидејќи филмот е тимска работа и засега од припремите можам со сигурност да најавам дека треба да очекувате нешто неочекувано“, изјави режисерот, Гоце Цветановски.

Директор на Фотографија е Фејми Даут, номиниран за Оскар со филмот „Медена Земја“, добитник на повеќе меѓународни признанија за најдобра фотографија, меѓу кои и престижната награда од Американската Асоцијација на Кинематографи.

Во главната женска улога е Слаѓана Вујошевиќ, позната по улогата на Биби, од „Сказните на Биби“, моментално најбрзо растечкиот детски бренд на Балканот.

Главните машки улоги ги толкуваат Муса Исуфи и Исмаил Касуми, актери во повеќе играни и кратки филмови со многубројни награди од меѓународни филмски фестивали.

Дел од актерскиот тим се и Катерина Коцевска, ветеран на македонската филмска и театарска продукција, Елени Декидис, бугарска актерка во подем позната по својата улога во една од најпопуларните ТВ серии во Бугарија, „All Inclusive“, како и Егзона Салиху, актерка која има одиграно многу улоги во театарски и ТВ серии во регионот.

Режисерот Гоце Цветановски студирал филмско сценарио и режија во Париз, Франција, каде живеел од 1998 до 2015 година. Има режирано и продуцирано околу 20 кратки филмови, прикажани на над 100 филмски фестивали во светот, освојувајќи бројни награди.