Почна скринингот со ЕУ за вториот кластер – внатрешен пазар


 

„Сакам да ве уверам дека правиме сѐ од себе да ги исполниме сите неопходни критериуми дадени од Европската унија во однос на сите 33 поглавја“, изјави денеска во Брисел вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, во обраќањето на отворањето на билатералниот дијалог за кластерот – Внатрешен пазар.  

Вицепремиерот истакна дека во последниот извештај на Европската комисија (ЕК), во повеќето поглавја од Кластер 2, Македонија е умерено подготвена и дека во изминатите години бележи ограничен напредок.

Битиќи ги увери соговорниците од Брисел дека Македонија ќе се потруди да ги исполни сите критериуми.

„Со гордост можам да истакнам дека по повеќе од две години консултации со релевантните актери, ние сме во завршна фаза на креирање на нов системски Закон за работни односи, во чии рамки ќе се решат повеќето прашања од Поглавјето 2, како слобода на движење на работниците. Направивме голем чекор и во реорганизацијата на националните институции, со што ќе почнеме да ја оптимизираме целата административна структура. Со ова многу добро разбираме дека не треба да се намалуваат, туку да се зголемат човечките капацитети, особено во институциите кои го регулираат слободното движење на стоки и ова ќе биде чекор кон исполнување на препораките од првото поглавје, слободно движење на стоки“, изјави Битиќи.

Билатералниот скрининг за Кластер 2 составен од 9 поглавја, кој го координира вицепремиерот Битиќи, започнува со Поглавје 3, Правото на основање и слободата на давање услуги.