Почна седницата на Советот на обвинители

Почна седницата на Советот на јавни обвинители, на која ќе се дискутира дали ќе се поведе постапка пред парламентот за разрешување на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева поради вмешаност  во случајот „Рекет“.

На седницата пристигна и шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, која пред Советот ќе образложи зошто Јанева е осомничена во истрагата за рекетирањето. Претседателот на Советот, Коле Штерјев, не сакаше да го коментира исходот од седницата.

Советот може да почне постапка за разрешување на Јанева врз основа на констатација за незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата (член 18, Закон за СЈО). Ако Советот одлучи да ја разреши Јанева со мнозинство гласови, изготвува Извештај, кој го праќа на одобрување во Собранието. Потоа Собранието го враќа Извештајот за разрешување на финално одлучување во Советот.

Седницата на Советот на обвинители е зад затворени врати, поради тајноста на истрагата за случајот „Рекет“, во кој Јанева е третата осомничена, по Бојан Јовановски и Зоран Милески.