Пoчна седница за конституирање на Собранието, се одвива под посебни здравствени протоколи

Во Собранието на Република Северна Македонија почна првата седница на новиот парламентарен состав која се одржува во салата Голема купола согласно здравствените протоколи за заштита од ширење на Ковид-19. Со седницата претседава претседателот на Собранието во заминување Талат Џафери. На почетокот на седницата беше интонирана химната.

Според точките на дневиот ред на седницата ќе се изврши избор на претседател и членови на Верификациската комисија на Собранието, а потоа ќе следи верификација на мандатите на пратениците во Собранието.

 

Трета и четврта точка се избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието и избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Функцијата претседател на Собранието им припаѓа на партиите кои ќе обезбедат мнозинството за формирање влада, процес кој формално почнува денеска, па не може со сигурност да се очекува дека тој ќе биде избран на конститутивната седница.

Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Претседателот Стево Пендаровски веќе најави дека планира да одржи консултации со политичките партии по конституирањето на Парламентот, по што, согласно уставните одредби, ќе го додели мандатот за формирање нова влада на партијата, односно на партиите што ќе обезбедат мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија.

На изборите кои се одржаа на 15 јули коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ освои 46 пратеници, коалицијата „За обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ – 44, ДУИ – 15, коалицијата на Алијанса на Албанците и Алтернатива – 12, Левица – два и ДПА – еден мандат.

На седницата како гости се поканети претседателот Пендаровски, премиерот во заминување Оливер Спасовски, поранешни претседатели на државата и на Собранието, претседателите на Уставниот, на Врховниот суд и на Судски совет на Република Северна Македонија,јавниот обвинител и претседателот на Советот за јавни обвинители, Народниот правобранител, членови на Владата и гувернерката на Народна Банка на Република Северна Македонија.

Седницата во својство на гости ќе ја проследат и лидери на политичките партии застапени во Собранието, началникот на Генералштабот на Армијата , претседателите на МАНУ и на Државната изборна комисија, државниот правобранител, претставници на верските заедници, како и шефови на странски дипломатски конзуларни мисии во Република Северна Македонија.

Во согласност со препораките од Комисијата за заразни болести, Конститутивната седница се одвива според протоколи и критериуми коишто се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од коронавирусот.

На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието им беше мерена телесна температура, по што ќе им беше овозможено да влезат во зградата. На сите влезови се бидат обезбедени средства за дезинфекција.

Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница се одржува во Големата сала на Собранието на Република Северна Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците се на соодветна дистанца и со заштитна опрема.

Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ.

Пренос од Конститутивната седница гостите следат од пленарната сала „Македонија“, каде што е биде обезбедена неопходната физичка дистанца.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите  важат одредени протоколи за следење на Конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот. За да се избегне поголемо групирање, Конститутивната седница може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум, односно, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, капацитетот на просторот дозволува најмногу 50 претставници на медиумите. Пренос од седницата ќе можат да следат во Салите 3 и 4 во Прес-центарот на Собранието. Седниците на работните тела, пак, медиумите ќе можат да ги следат преку директен пренос на веб-страницата на Собранието на линк.

Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието не работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во Прес центарот.