Почна реконструкцијата на улицата „Никола Карев“


Почна реконструкцијата на улицата „Никола Карев“ и тоа од крстосницата со булеварот „Кузман Јосифовски Питу“ до крстосницата со улица „Ѓуро Ѓоновиќ“.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, изврши увид на почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата „Никола Карев“ во општината Центар.

– Станува збор за фреквентна улица која поврзува клучни сообраќајници во Скопје, која е во непосредна близина на Меѓуградската автобуска станица. Реконструкцијата на улицата „Никола Карев“ се реализира на барање на граѓаните, рече градоначалничката Арсовска.

На улицата „Никола Карев“ се врши реконструкција на коловозот, нивелација на шахтите и на сливниците, како и поставување на хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, а градежните работи ги изведуваат екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“ – Скопје.