Почна реконструкцијата на улицата „Московска“ во Карпош


Екипите на Градот Скопје денеска  ја започнаа реконструкцијата на коловозот на улицата „Московска“ во општина Карпош, а увид во градежните работи на оваа делница извршија градоначалникот на Карпош Стефан Богоев и  градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.
-Градот Скопје продолжува интензивно со реконструкцијата на инфраструктурата под надлежност на Градот. Денеска сме на улицата „Московска“, каде што ја почнавме реконструкцијата  на  коловозот  во должина од 690 метри, предвидено е да нѐ чини околу 8,2 милиони денари и да се заврши во рок од 20 дена – рече Шилегов.
Реконструкциите на сите улици оваа градежна сезона Градот ги завршува со рекордно кратки рокови со цел да обезбеди услови за одвивање на сообраќајот без создавање на сообраќаен метеж.
„Во изминатиот период има сериозни градежни инфраструктурни активности на територија на Градот Скопје, но и на територија на Општина Карпош. Градот Скопје интензивно работи на градските  сообраќајници, главните булевари, нивна реконструкција, а општините паралелно го следиме проблемот внатре на општинските улици. Во изминатиот период ние реконструиравме повеќе улици особено во населбите Карпош 1, „Владо Тасевски“ урбана заедница, па сега преминуваме и во Тафталиџе со улицата „Варшавска“, целосно зголемување на капацитет на водовод, канализација, реконструкција на улицата“, рече Богоев.
Во текот на изминатите месеци целосно беа реконструирани улиците „Димитија Чуповски“, „Љубљанска“ и „Антон Димитров“, а реконструкцијата е во тек на улиците „Февруарски поход“, „Лазар Трповски“, „Ѓорче Петров“, „Лазар Личеноски“, „Московска“ и булеварот „Партизански одреди“.
Градоначалникот Шилегов, повторно ги замоли граѓаните, за разбирање додека траат градежните активности, бидејќи целта е на крајот во Скопје да имаме функционален, модерен и безбеден сообраќај кој целосно ќе ги задоволува потребите на граѓаните. Исто така, тој упати апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје.