Почна реконструкцијата на улицата „Лазар Трпковски“ во Чаир


Екипите на Град Скопје денеска ја почнаа првата фаза од реконструкцијата на коловозот на улицата „Лазар Трповски“ во Општина Чаир.

Увид во градежните работи на оваа делница денеска изврши градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов и градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу.

– Градот Скопје продолжува интензивно со реконструкцијата на главните сообраќајници во нашиот град. Пред неколку дена ја започнавме реконструкцијата на оваа улица Лазар Трповски, на потегот од кружниот тек со улица „Втора македонска бригада“ до крстосницата со улицата Петар Ичко. Предвидено е да се заврши во рок од 20 дена, така што очекуваме по реконструкцијата на овој потег граѓаните да добијат безбедни сообраќајници, што е и наша цел. За реконструкцијата на оваа улица Град Скопје ќе потроши околу 2,5 милиони денари со пресметан ДДВ, рече Шилегов.

Со реконструкцијата, како што соопштуваат од прес-службата на Град Скопје, е предвидено стружење на коловозот и поставување на нов асфалт на површина од 2.400 квадратни метри.

Од таму информираат дека во текот на летото ќе продолжат реконструкциите на повеќе булевари и улици во надлежност на Град Скопје. Реконструкциите на сите улици оваа градежна сезона завршуваат со рекордно кратки рокови, се со цел да се обезбедат услови за одвивање на сообраќајот без создавање сообраќаен метеж.

Шилегов упати апел до граѓаните за разбирање додека траат градежните активности.

– Упатувам апел до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената патна сигнализација и на дневна основа да ги следат информациите за привремен сообраќаен режим што ги објавува Град Скопје, истакна Шилегов.