Почна реконструкцијата на улицата „Есенинова“ во Кисела Вода

Почна реконструкцијата и доградба на улицата „Есенинова“ во општина Кисела Вода, која ќе претставува директно поврзување на оваа општина со општините Аеродром и Центар. Реконструкцијата, според градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, ќе биде завршена на средината на наредната година.

-Град скопје денеска почнува со пробивање на нов коридор, коридор што до сега не постоеше на територија на нашиот град, а кој што значи поврзување на неколку општини во градот. Тоа е пробивање на улицата „Есенинова“ во габарит од четири коловозни ленти две велосипедски две пешачки патеки, а кои ќе излегуваат од ампулантата Пролет што значи дека ќе имаме директна конекција меѓу општините Кисела Вода и Центар а индиректно и општините Аеродром и Гази Баба, истакна Шилегов по денешната посета на градежните активности во Кисела Вода.

Инвестицијата е во вредност од 70 милиони денари, а должината на трасата е над 800 метри. Наредната година, како што рече Шилегов, овој нов коридор и ново поврзување на Скопјани ќе биде пуштен во употреба и даден на располагање.

-Со овој коридор, според анализите направени во градот, ќе се намали притисокот на раскрсницата кај тутунски комбинат, а бидејќи конекцијата што ја имаме директно кон поранешното скопско сајмиште е за граѓаните на Кисела Вода, за граѓаните на Центар и на Аеродром ќе значи многу побрзо патување, кратење за повеќе од десетина минути на времето потребно за движење, но и ќе ги намалиме метежите во градскиот сообраќај со што очекувам и дека ќе влијаеме и на подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух, рече Шилегов.

Додаде дека градот сериозно инвестира и годинава, појаснувајќи дека наредните денови со инвестиција од околу 770 милиони денари ќе се почне со изградба на вакви нови коридори, но и реконструкција на посебни коловози на над 23 улици во градот.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски при денешната посета на градежните активности на оваа улица, истакна дека со овој градежен зафат на жителите на општина Кисела Вода ќе им се реши еден од крупните проблеми кои ги имале во минатото, полесно ќе може да комуницираат со останатиот дел од градот и полесно ќе стигнуваат до општините Аеродром и Центар.