Почна реконструкцијата на делницата Крива Паланка – Деве Баир


Оперативата на „Гранит“ има рок од 24 месеци да ја заврши реконструкцијата на проширениот пат од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир, со што треба да се модернизира оваа делница која сега претставува тесно грло во поврзувањето со Бугарија. Таков рок денес беше даден свеченоста на почетокот на работите, на која присуствуваа техничкиот премиер Оливер Спасовски, амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, министерот за транспорт, Горан Сугаревски и други официјални лица.

„Овој процес на поврзување започна во рамките на Берлинскиот процес и ЕУ верува во неговата сила затоа што преку овие проекти се остваруваат силни врски. Ова денеска е првиот дел од реализација на овој проект на кој треба да се гледа како на нишката што недостасува за подобра поврзаност меѓу Скопје Софија, Тирана и Драч на потегот на Коридорот 8“, рече амбасадорот Жбогар.

Според премиерот Спасовски проектот, вклучувајќи ја и доизградбата на железницата на овој коридор, има за цел да го поврзе Црното Море со Јадранско Море и да ја зголеми проточноста на патувањето на луѓето и прометот на стоките.

Директорот на канцеларијата на Европската банка за обнова и развој во Скопје (која е донатор на дел од средствата за реконструкцијата), Анди Аранитаси, нагласи дека ЕБОР останува посветен партнер на македонската влада и во сите идни проекти, особено во поддршката на капиталните инфраструктурни иницијативи.