Почна реконструкција на бул. „Александар Македонски“ на источниот влез во Скопје


Град Скопје почна реконструкција на булеварот „Александар Македонски“ во општина Гази Баба во делот на источниот влез во главниот град, откако минатата година беше реконструиран и западниот. Должината е 5,3 километри – од клучката кај Хиподром до крстосницата кај Скопски саем во Автокоманда.

-Ова е еден извонреден потег, поголем од пет километри. Ги замолувам граѓаните да имаат трпение, ќе работиме деноноќно со цел источниот влез да го оспособиме што е можно побрзо и да се префрлиме на излезот од Скопје, од другата страна, за да се избегнат гужвите. Куриозитет овде е што првпат Град Скопје ќе изврши експроријација на земјиште за да изградиме велосипедска патека што ќе го подобри урбаното живеење и,  конечно, ќе има велосипедско поврзување на граѓаните од  Синѓелиќ и Маџари со остатокот од градот. На овој потег не е работено 40-ина години, во добар дел булеварот е во очајна состојба, изјави градоначалникот Петре Шилегов.

Додаде дека во главниот град е во тек градежна офазнива, се работи на 23 улици и зимата, како што рече, ќе ја пречекаме со обновена речиси цела инфраструктура на која се работеше лани и годинава.

Градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски посочи дека се работи за капитален проект, очекува да заврши од 40 до 60 дена и апелираше до сите учесници во сообраќајот дека може да ги користат и алтерантивните влезови од источната страна на Скопје, како  обиколницата и улицата „Благоја Стефковски“ за сообраќајниот метеж да се намали за време на реконструкцијата.

-Ова е ќе биде пример како може по 40 години да се направи добра реконструкција, а не со крпење и закрпување како во изминатиот период и решение за влезот од исток еднаш да биде ставено во целосна функција, рече Георгиевски.