Расправа во ЕП: Тања Фајон го нарече неодговорно ветото на Бугарија за Македонија


Освен бугарските пратениците од центарот и крајно десните партии кои земаа збор, останатите европратеници побараа што побрзо да отпочнат преговорите со Северна Македонија

 

Во Европскиот парламент започна дебатата по извештаите за напредокот на земјите од Западниот Балкан, меѓу кои и за Северна Македонија, по што ќе се гласа за секој од нив. Една од главните теми е спорот со Бугарија, за кој се очекува да се изјаснат повеќе европратеници на денешната дебата.

Неколку пратенички групи поднесоа посебен амандман за поддршка за конструктивниот однос на Северна Македонија и критики за провокативните изјави на Софија, но засега е нејасно дали тој ќе добие поддршка.

Известувачот за Северна Македонија и автор на извештајот, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, пред почетокот на дебатата порача дека е важно Северна Македонија и Бугарија да продолжат со конструктивен дијалог и да постигнат компромис за Акцискиот план, кој редовно ќе се проценува врз основа на Договорот за пријателство и на овој начин „ќе може да се рестартира европскиот процес за Северна Македонија“ и ќе ѝ се овозможи на ЕУ да ја свика првата меѓувладина конференција.

„Дополнителни одложувања ќе ја загрозат објективноста на процесот на зачленување, треба да се фокусираме на големата слика, потребно ни е да градиме мостови за обединување наместо ѕидови што разделуваат“, изјави Ќучук. 

Европарламентарката Тања Фајон го нарече неодговорно ветото на Бугарија за Македонија, оценувајќи дека нејзините барања се еднострани и немаат ништо заедничко со условите за преговори со ЕУ. Таа ѝ порача на Софија дека мора да го повлече бидејќи му се заканува на процесот на проширувањето на сите земји во регионот. 

Бугарскиот пратеник Андреј Ковачев изјави дека во Северна Македонија се нарушува слободата на изразување на Македонците со бугарско потекло и дека бугарската заедница во Северна Македонија била мнозинство пред да дојде Тито на власт. Тој го посочи случајот со пејачот избран за Евровизија како доказ дека Бугарите во Северна Македонија се мета на постојани напади.

Европратеникот Ангел Џамбаски од своја страна ја спореди Северна Македонија со Северна Кореја поради тоа, како што рече, над 120.000 Бугари во Македонија немаат право да се декларираат како такви на пописот, со порака дека не можеме да го смениме фактот дека Северна Македонија била дел од Бугарија. 

„Јазикот што го зборуваат не е македонски туку јазик на омраза“, изјави исфрустрирано бугарскиот парламентарец Александар Јорданов, порачувајќи дека Македонија ќе почне преговори со ЕУ кога ќе се ослободи од овој „комунистички корона вирус“.

Освен бугарските пратениците од центарот и крајно десните партии кои земаа збор, останатите европратеници побараа што побрзо да отпочнат преговорите со Северна Македонија, која доби зелено светло пред една година, а препорака пред дванаесет години.

Европратеничката Тинеке Стрик, од групата на Зелените, нагласи дека Северна Македонија направи длабоки и често болни реформи за да дојде до ова и потсети дека останува да се направат напори во многу области како правата на жените, на малцинствата, корупцијата и владеењето на правото, и дека земјата покажала волја за соработка со соседите.

„Испраќањето на специјален претставник во Бугарија е знак на добра волја, но за решение е потребна соработка од двете страни, ова не смее да биде пречка за да се исполни ветувањето за почеток на процесот, граѓаните на Северна Македонија чекаа доволно долго, да го докажеме нашиот кредибилитет, изјави Стрике.

Андреа Шидер од групата на социјалдемократите, исто така оцени дека Скопје заслужува поддршка од целата ЕУ.

„Ми се чини дека блокадата од страна на бугарската влада е погрешен чекор“, рече Шидер и побара иднината да не се држи во заложништво во дебатите за минатото.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, изрази надеж дека сѐ уште е можно тоа да се одржи првата меѓувладина конференција под сегашното португалско претседателство на ЕУ, пред први јули

Со умерен тон настапи само бугарскиот пратеник од социјалдемократите, Петар Витанов.

„Не сакам да се конфронтирам со колегите од мојата политичка група, меѓутоа можам да зборувам како Бугарин“, рече Витанов за контроверзните амандмани и додаде дека конфронтацијата ја храни екстремната десница во Бугарија, што ја користи ситуацијата во предизборни цели. Витанов порача дека ја поддржува Северна Македонија но дека земјата треба да ги почитува добрососедските односи.

„Во дијалогот помеѓу Северна Македонија и Бугарија потребен ни е динамизам, а не динамит“, изјави бугарскиот европратеник.

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, од своја страна изрази надеж дека сѐ уште е можно тоа да се одржи првата меѓувладина конференција под сегашното португалско претседателство на ЕУ, пред први јули, и инсистираше на потребата од конструктивен дијалог со Бугарија.

„Добрососедските односи се суштински дел од напредокот кон ЕУ, билатералните договори, Преспанскиот со Грција и Договорот со Бугарија треба и натаму да се имплементираат во доверба од сите страни, ги охрабрувам Скопје и Софија да ги удвојат напорите за да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните прашања, ги охрабрувам сите страни да се однесуваат конструктивно и да се воздржат од изјави и акции кои ги поткопуваат пошироките интереси на ЕУ“, изјави Вархеи.

Тој оцени дека Северна Македонија има уште многу работа во делот на реформите.

„Одлуката на земјите членки на ЕУ да отворат преговори со Северна Македонија беше историска, и со нетрпение очекуваме да се усвои преговарачката рамка и да се свика првата меѓувладина конференција, се надевам сѐ уште за време на ова претседателство“, рече Вархеи.

За крај Вархеи ги повика европратениците да дадат поддршка за процесот на проширување кон целиот регион.

„Повеќе од кога било ЕУ ќе продолжи да стои со нејзините партнери на западен Балкан, иднината на регионот се наоѓа во ЕУ.Време е за нас да испорачаме, дополни, оваа Комисија е силно посветена да го исполни ова ветување, за ова ни е потребна поддршка од земјите членки и од овој дом, треба да се движиме и да се движиме брзо“, повика еврокомесарот за проширување.

Гласањето ќе се одржи доцна попладнево околу 18 часот. (Н.В.)