Мицкоски како полит-комесар: побара обвинение против Заев


Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на вечерашниот протестен марш на опозицијата побара да се покрене обвинение за Зоран Заев за да одговарал за „злоупотреба на службена должност и попречување на правдата и понижување на државата“. Повеќе илјади приврзаници на партијата маршираа од зградата на Јавното обвинителство до комплексот судови во Скопје барајќи правда во државава.

Фокусот на целиот говор на Мицкоски заедно со главниот транспарент што беше носен на чело на колоната („Заев е виновен“) беше насочен кон лидерот на СДСМ, кој беше претставен како олицетворение на сето зло што се случувало во Македонија.

Непосреден повод за маршот беше објавувањето на втората аудио-снимка од страна на Антонио Милошоски, која тој денеска ја предаде во обвинителството.

Мицкоски во говорот истакна три барања до институциите: „Прво, покренување на истрага за злоупотреба на службената должност од страна на Зоран Заев кој се меша во обвинителски и судски постапки и одлуки на Врховниот суд. И тоа истрага од тим на обвинители кои нема да ги одбере Рускоска, поточно Зоран Заев, туку обвинители во кои ќе има доверба експертската јавност како гаранција за непристрасност и независност“. Соопштувајќи своевидна директива на полит-комесар Мицкоски извика: „Мора да има обвинение по кое Зоран Заев ќе одговара за злоупотреба на службена должност и попречување на правдата и понижување на државата“.

Потоа тој побара „итна и неодложна ревизија на работата на врховните судии без исклучок и ревизија на нивните одлуки. Таму каде ќе бидат утврдени неправилности потребно е оставки и одговорност пред законите. Оставки!“.

И трето, „итна реформа на Советот за реформи во правосудството, што ќе подразбира времено суспендирање на секаква негова активност поради контаминираноста на неговата работа и барање на меѓународна експертска помош во реализирање на реформите“. (Н.В.)

(Фото: Б. Грдановски)