(Во живо) Почна протестот на ССМ за недела неработен ден


Пред зградата на Сојузот на синдикатите на Македонија започна најавениот протестот на неговите членови. Преку него ќе се изрази незадоволство од неизгласувањето на законското решение со кое недела се прогласува за неработен ден и ќе се побара минималната плата да изнесува 60 проценти од просечната плата. Ќе се бара и спирално зголемување на сите останати плати согласно колективните договори.

Како што е најавено протестот ќе започне пред зградата на ССМ, а учесниците ќе се движат кон Собранието, а потоа и кон седиштето на Организацијата на работодавачи на Македонија и Стопанската комора на Македонија каде што ќе бидат упатени барањата од протестот.

ССМ бара усвојување на измените и дополнувањата на Законот за работните односи со кои се прогласува недела за ден на неделен одмор согласно договореното на Економскиот – социјален Совет по пат на социјален дијалог, измена и дополнување на Законот за минимална плата со која ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 проценти од просечната плата, односно таа да се зголеми најмалку на 18.000,00 денари и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата, како и потпишување на Општиот колективен договор за јавен сектор и Општ колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството.

Во наредниот период, во зависност од резултатите од ССМ велат дека ќе повикаат на Генерален штрајк што ќе продолжи преку изразување на разни форми на изразување на работничкото незадоволство и синдикален притисок, на начин определен од страна на штрајкувачки одбор.