Почна процес за креирање нова национална стратегија на лицата со попреченост


Фото: Б. Грданоски
Министерството за труд и социјална политика ќе биде носител на креирање концепт за нова Национална стратегија за лицата со попреченост на Република Северна Македонија за наредните седум години.
 
Владината прес-служба соопшти дека денеска се одржал прв работен состанок за креирање на Стратегијата, со кој претседавал Спасе Додевски, надворешен советник за унапредување на образованието, здравствената и социјалната заштита, институционалниот систем на лицата со попреченост и претседавач со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост.
 
На состанокот присуствувале претставници на МТСП, Германската асоцијација за меѓународна соработка (ГИЗ) и претставници од агенциите на Обединетите нации во земјава.
 
– Носител на оваа активност е Министерството за труд и социјална политика, додека Националното координативно ќе биде задолжено за координација и фасилитирање на целиот процес, а ГИЗ и агенциите на ОН ќе бидат техничка и финансиска поддршка на целиот процес. Новата национална стратегија ќе се изработува низ широк дијалог со претставниците на граѓанските организации на лицата со попреченост и самите лица со попреченост со што ќе се почитува принципот „Ништо за нас без нас“, информира прес-службата на Владата. 
 
Присутните на состанокот ја потенцирале заложбата заеднички да се обезбеди мултисекторски, мултидисциплинарен и холистички пристап при што лицата со попреченост и нивните потреби ќе бидат во центарот на вниманието.
 
Советникот во МТСП Душан Томшиќ истакнал дека по прашање на правата на лицата со попреченост отпочнат е процес на големи промени во нашата држава и дека со новата стратегија се очекува да одиме чекор понапред – од видови и категории на попреченост при остварување на правата да се помине кон функционална проценка и индивидуализација на поддршката. Сето ова, според него, ќе влијае врз форматот и содржината и на легислативата која ги опфаќа лицата со попреченост и сите понатамошни документи што се однесуваат на оваа популација.
 
– На состанокот заеднички беше оценето дека во наредниот период ќе отпочне широка дебата во која ќе се слеваат сознанијата и експертизата на голем број странски и домашни организации, а во која клучна улога ќе имаат лицата со попреченост, со цел да се добие квалитетен документ од кој најголемиот бенефит ќе го има оваа популација, се наведува во соопштението на Владата.