Почна поставување на монтажен објект во кругот на кумановската болница


Почна поставувањето на монтажен шатор во кругот на општата болница Куманово кој ќе се користи како дневна болница каде ќе се примаат пациенти заболени од Ковид 19, кои примаат терапија, а се на домашно лекување потврди денеска, директорката на кумановската болница Снежана Захариева.

Претходно и пратеникот во Собранието, Мартин Костовски објави дека шаторот се поставува во заедничка координирана акција на Министерствата за здравство и за одбрана.

-Шаторот се поставува привремено додека да се изгради монтажната ковид болница. Ќе се користи за дневна болница на пациенти коишто примаат терапија и си одат дома. Тие се задржуваат кратко, најмногу еден час. За да може да се ослободат капацитетите на инфективниот оддел, таму е тесен просторот и во амбулантите и во чекалната и во дневната болница, за да може и таму да се пружи помош на пациенти кои одат за преглед и евентуално за примање на терапија за првпат, рече Захариева.

Пратеникот во Собранието, Мартин Костовски од СДСМ испрати повик за волонтирање во болницата и кажа дека тој прв се јавува.

-Да бидеме одговорни и храбри во оваа тешко време! Секој колку може и колку знае, за Куманово. Ситуацијата е навистина крајно алармантна, поклон до небо за сите здравствени работници. Денеска како пратеник бев во посета на Општа Болница-Куманово, со заедничка акција на министрите Филипче и Шекеринска поставена е „полска болница“ со шатори од припадници на АРМ, со што ќе се зголеми капацитет за 30 легла за заразените сограѓани од Ковид-19, напиша Костовски.

Претходно, Захариева, информираше дека има вкупно 67 пациенти на болничко лекување и на инфективното одделение и во новиот Ковид 2 центар, односно постоечкото, преадаптирано психијатриско и невролошко одделение.