Почна политизацијата на труењето во Гостивар, власта ја обвинува опозицијата
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и денеска преку писмено соопштение ја обвини локалната власт во Гостивар, предводена од, како што велат, коалицијата на СДСМ, ДУИ и Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, за несовесно раководење со општинските институции поради што над 1.000 граѓани побараа лекарска помош поради симптоми на труење.
Од вчера во Гостивар е прогласена епидемија по масовниот прилив на граѓани во болниците поради стомачни тегоби. Ваквата состојба, според владејачката партија, е последица на неисполнетите ветувања за подобар живот што СДСМ, ДУИ и Таравари им ги дале на гостиварци за време на изборната кампања на минатогодишните локални избори. Наместо подобар живот, велат од ВМРО-ДПМНЕ, локалната власт на жителите на градот им донела страв и неизвесност по нивното здравје и живот.
„Подобриот живот и услови за гостиварци станаа најголемата изборна лага и празно слово на хартија, зошто локалната гостиварска владејачка коалиција граѓаните ги оставија без елементарниот услов за живот, чиста и безбедна вода за пиење. Коалицијата СДС, ДУИ и Таравари беа гласни додека славеа и се радуваа на победата во Гостивар, но по скандалот со водата и над 1.000 граѓани со симптоми на труење, никаде ги нема да се јават со реакција и да понесат одговорност“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во тој контекст, од партијата прашуваат зошто доцнела и немало брз реакција на локалните служби и дали СДСМ, ДУИ и Таравари сметаат дека овој, како што велат, скандал, ќе помине неказнето и без понесување некаква одговорност.
Оттаму, како лицемерно го оценуваат однесувањето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, правејќи паралела меѓу актуелниот случај и периодот на ковид-пандемијата, кога министер за здравство во тогашната влада беше Венко Филипче.
„Лицемерно е однесувањето на СДС за овој сериозен случај, затоа што на чело на партијата го имаат Венко Филипче кому, како министер за здравство, во модуларната во Тетово живи му изгореа 14 лица, а за време на ковид-периодот се случи најголемиот погром во државата, каде илјадници сограѓани ги загубија животите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија порачуваат дека очекуваат целосно расчистување на случајот во Гостивар и одговорност затоа што, како што наведуваат, поради несовесно раководење на општинските институции, над илјада жители на градот завршија во болница.
Опозицискиот СДСМ, од друга страна, утрово го повтори својот став дека епидемијата на гастроентеритис во Гостивар не избувнал преку ноќ, туку се развивала со денови пред очите на надлежните институции. Според социјалдемократите, институциите уште во раната фаза имале јасни информации и сомнежи за небезбедноста на водата, како и за невообичаеното зголемување на бројот на пациенти.
По наредба на Обвинителството, надлежните здравствени институции земаа мостри од водата за пиење во Гостивар. Резултатите, според најавите треба да бидат готови денеска и доставени до Обвинителството.
Новиот министер за здравство, Сашо Клековски синоќа во телевизиско гостување потврди дека во Гостивар е прогласена епидемија на гастроентеритис, како и дека трендот на новопријавени случаи сè уште не опаѓа и бројката се движи меѓу 250 и 300 пациенти на дневно ниво.