Почна комисиската расправа за законите за коридорите

Собраниската Комисија за европски прашања започна со расправа по дневниот ред на кој се ставени шест точки, петте предлог-законски измени за коридорите 8 и 10д, и Предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители.
Прва точка е Предлог-законот за изменување на Законот за работни односи. Распаравата во комисијата кога има европско знаменце може да трае најдолго три дена.
Пратениците вчера на пленарна седница ја усвоија потребата по скратена постапка да се донесат измените на петте закони означени со европско знаменце поврзани со изградбата на коридорите, а накусо заседаваше и Комисија за европски прашања, но само го утврди дневниот ред.
Опозициските пратеници во расправата и на пленарната и на комисиската седница го оспоруваа означувањето на законите со европско знаменце и ги повторија обвинувањата дека со тоа што не е објавен Договорот со стратешкиот инвеститор, американско-турскиот конозорциум „Бехтел и Енка“, се остава простор за сомнежи за корупција, како и дека ќе се плаќаат стотици милиони евра за аванси и пенали. Од делегацијата на ЕУ во државава повторија дека загрижува означувањето со европско знаме на закони кои не се дел од усогласувањето со легислативата на ЕУ, а од владејачката СДСМ, пак, порачаа дека законските измени заштедуваат 150 милиони евра на граѓаните и две години помал рок на изведба.