Почна изградбата на станица за пречистување на отпадните води од селото Чифлик во општина Чешиново-Облешево


Општина Чешиново-Облешево ја почна втората фаза од проектот за изградба на пречистителна станица за фекалната канализација во селото Чифлик, за што дел од финансиските средства ги обезбеди преку Бирото за регионален развој и од сопствената буџетска сметка.

Изведувач на градежните активности е компанијата „Турбоинженеринг“ од Скопје, која според потпишаниот договор треба да ги комплетира во рок од девет месеци.

– Вкупната вредност на целиот инфраструктурен зафат е околу 20 милиони денари, а за почетните активности од Бирото за регионален равој се одобрени два милиона денари. Дополнително, од општинската буџетска сметка се кофинансираат уште над 1,5 милион денари. Обврска на Локалната самоуправа е во наредниот период да обезбеди дополнителни средства за набавка на потребната опрема и комплетна изведба на пречистителната станица, истакна градоначалникот на Чешиново-Облешево, Далибор Ангелов.

Со изградбата на пречистителната станицата во Чифлик ќе се комплетира проектот со кој пред седум години почна решавањето на канализациската мрежа од домаќинствата. Во поплавите што во тој период го зафатија селото дојде до мешање на фекалните води со водата за пиење, поради што таа беше забранета за употреба. Инвестицијата за изградба на главниот колектор и примарната канализациска мрежа, долга околу 4,7 километри, изнесуваше над 16 милиони денари.