Почна изградбата на платформите за компостерките за биоотпад во Пробиштип


Почна изградбата на платформите за поставување на компостерските единици за преработка на биоотпадот во Општина Пробиштип. Едната компостерка ќе биде поставена во близина на Градскиот пазар, а втората во населбата Калниште.

Раководителот на лабоработијата „Амбикон“ при Универзитетот „Гоце Делчев“- Штип, Дејан Мираковски вели дека Пробиштип е првата општина која ќе реализира еден ваков проект, што ќе донесе заштеда на локалната власт, но и почиста животна средина и навики за рециклирање на отпадот. Проектот се реализира преку фондовите на ЕУ, а изнесува 277.000 евра.

– Ќе следуваат фазите на обука на населението и на правните лица, коишто ќе ги користат овие компостерки. Во исто време ќе се следат параметри на ѓубрето, коешто ќе се собира и на видовите на количните на отпад што ќе го собираме. Ќе се направат анализи како ќе се управува со тој отпад и колкави ќе бидат заштедите на комуналното претпријатие, вели Мираковски.

Надлежните од Општина Пробиштип велат дека интензивно се градат платформите, а монтирањето и поставувањето на компостерките за биоотпадот треба да се случи до крајот на годината.