Почна изградбата на нов парк во Карпош

На површина од 4.000 метри квадратни, во близина на стариот влез на Градскиот парк, под булеварот „8 Септември“, целосно ќе се раззелени простор кој до овој момент беше запуштен, информираат од Општина Карпош.

Во новиот парк ќе има нови високи и цветни дрвја, висока декоративна трева, грмушки, високо заштитно зеленило, цветни, перени и луковици.

Покрај разновидното зеленило и фонд на дрвја, паркот ќе биде збогатен и со други содржини. Предвидено е да има простор за детски игри (детско игралиште), како и оградено место за домашни миленици.

Во овој парк ќе биде поставен и мултифункционален контејнер, со цел правилно одлагање и селекција на отпадот. Изведбата на паркот се очекува да заврши на почетокот на август.

Поставувањето на новото зеленило и садници е донација од компанијата „Хорти Експерт Урбан Груп“, со што сакаат да ја покажат својата општествена одговорност и грижа кон заедницата.

Општина Карпош во изминатиов период интензивно работи на зголемување на зеленилото и заштита на животната средина. Неодамна заврши и пролетната акција за засадување на 287 нови дрвја, а се раззеленија и дел од училишните дворови и платоа.