Почна изградбата на модуларната болница во Битола. Таму ќе има нов рендген апарат, зашто тој во болницата е стар 43 години


БИТОЛА – На рендген апарат стар 43 години се снимаат заболените од корона вирусот во Ковид центарот во Битола сместен во објектот на Инфективното одделение во болницата.

Од вчера започна изградбата на нова модуларна болница на локација зад објектот на Инфективното одделение, која ќе биде со капацитет од 90 до 120 легла. Модуларниот објект ќе биде на површина од 1.000 квадратни метри.

„Ја гледате зградата во какви услови работат лекарите и во какви услови се грижат за пациентите. Она што сега ќе го добиеме се најсовремени услови за третман, вклучително со сѐ што е потребно – рендген апарати, ехо апарати, максимално подобра грижа за пациентите кои се лекуваат. Стариот рендген апарат е од 1977 година и она што е добро е што ќе имаме синхронизација подобри услови и самиот персонал ќе може подобро да ја извршува работата. Станува збор за капацитет до 120 легла кои првично ќе се користат, а по потреба ќе се прошируваме во старата зграда ќе одиме по обратен редослед“, изјави директорката на Битолската болница д-р Билјана Гагачовска.

Проектот за нов модуларен центар во Битола го реализираат Министерството за здравство и Општина Битола.

„За околу три недели ќе биде изграден центарот, постои синхронизација со сите изведувачи, максимално ќе биде вложено да се испочитуваат роковите“, рече градоначалничката Наташа Петровска.

Компанијата ДМ денеска донираше респиратор за битолскиот ковид центар.

Над 120 битолчани дневно прават амбулантни прегледи поради симптоми на вирусот.

Бројот на заболени од Ковид-19 во Битола постојано расте и достигна бројка од 1.722 случаи од кои повеќе од половината се дијагностицирани овој месец. Бројката на починати од почетокот на кризата се искачи на 85. (А.Б.)