Почна изградбата на Младинскиот центар во Струмица


Почна изградбата на Младинскиот центар во Струмица, кој ќе биде лоциран во поранешните сутеренски простории на општинската зграда.

Според градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, овој проект бил еден од петте најважни проекти во неговата предизборна програма со кој се зафатил уште во првата година од неговиот мандат со откажувањето од службениот автомобил и неговата продажба.

За изборот на просторот струмичкиот градоначалник вели дека било одлучено тој да биде неискористениот простор во сутеренот на општинската зграда, кој долги години не се користел и служел како магацински простор.

-Спроведени се сите постапки за реализација на проектот, од изработка на основен проект за адаптација на просторот и внатрешно уредување на младинскиот центар, спроведена јавна набавка за уредување и адаптација за што од општинскиот буџет се издвоени 7.200.000 денари со ДДВ. При крај на градежните активности ќе распишеме и јавен повик за избор на младинска организација која ќе раководи со Младинскиот центар, изјави денеска градоначлникот Костадинов.

Додаде дека при крај е расчистувањето на просторот, по што ќе започнат повеќе градежни зафати за да може овој простор да ја добие бараната намена и функционалност.

-Тоа вклучува урнување на дел од постоечките ѕидови, отстранување на дел од постоечките прегради, демонтажа на столаријата, опремата, преградите и ѕидните плочки во санитариите, а се заменуваат целосно водоводната, канализационата и електричната инсталација. Има многу работа, но вреди овој простор да стане центар на младите, истакна Костадинов.

Во Центарот ќе има простор за забава и средби, а во средишниот, најширок слободен простор, се предвидува мултифункционален дел кој овозможува спроведување на едукативни активности, индивидуална работа и работа во групи, организирање на конференции, предавања и оранизирање изложби и други настани од рекреативен карактер. Мултифункционалниот простор вклучува и амфитеатар, ќе има простор за складирање на инвентарот, два санитарни јазли од кои едниот е наменет за лица со телесен инвалидитет, а за нив е предвидена и подвижна платформа.