Почна изградбата на булеварскиот влез во Битола од страната на Прилеп


Лопата за почнување на изградбата фрли и премиерот Христијан Мицкоски

 

БИТОЛА – Поставен е камен-темелникот за изградба на булеварскиот влез на Битола од страната на Прилеп. Станува збор за проект вреден над 100 милиони денари, кој се реализира во должина од 1.332 метри. На настанот присуствуваше премиерот Христијан Мицкоски, што е и негова прва официјална посета на Битола откако е премиер. 

Со реконструкцијата на постојниот коловоз со доградба  согласно ДУП се предвидува да се добие вкупна ширина на улицата од 27,5 метри.

Градската магистрална улица ќе биде со попречен профил составен од два коловози  секој со по две сообраќајни ленти со широчина од 7 м, разделно зеленило меѓу нив  со широчина од 2.5 метри како и обострани тротоари со велосипедски патеки и зелен појас – дрворед со широчина од по 5.5 метри.

„Овде сме заради еден вреден проект реконструкција на коловоз во должина од 1,3 километри на потегот од ‘Лукоил’ до ГУП, односно до самиот влез во градот кај таблата што пишува Битола. Делницата која опфаќа не само нов коловоз туку комплетен булеварски влез. Влез кој заслужува да биде направен оти беше болна точка, беше влез кој не ѝ доликуваше на Битола“, рече градоначалникот Коњановски. 

Градоначалникот кажа дека сите правни постапки се завршени, а изведувач на работите е ГП Гранит.  

„Ветувањето е исполнето, очекувам брзо да се заврши овој влез со што ќе биде заокружена една целина“, рече премиерот Мицковски на денешниот настан. 

„Битола има посебно значење во реализацијата на ветените проекти. Битола полека но сигурно, во овие години откако Тони Коњановски е градоначалник заедно со советниците и администрацијата се обидуваат да реализираат што повеќе проекти“, рече Мицкоски. 

Влезот во Битола од страната на Прилеп за битолчани со децении наназад е грда слика на градот. Тесен, неосветлен, необележан со соодветна сообраќајна сигнализација… Во реконструкцијата е вклучена и водоводна линија која се состои од два цевководи. (А.Б.)