Почна форумот MakeCoProDox 

Со претставување на трите филмски фондови, Кинематографскиот центар на Косово, Филмскиот центар на Црна Гора и Агенцијата за филм на Северна Македонија, синоќа, во рамки на Фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“, почна првиот форум за копродукции на документарни филмови – MakeCoProDox Forum.

Форумот ќе се одржува денеска и утре во Младинскиот културен центар. Организиран е согласно главната тема на 10. „Македокс“ – филмската копродукција.

-Форумот е еден од новите слоеви на фестивалот со намера да се поттикне и воспостави копродукцискиот модел на продуцирање на документарните филмови, не само во нашата држава, туку и во регионот, рече селекторката на „Македокс“, Петра Селишкар, поздравувајќи ги присутните претставници на филмски фондови, продуценти и автори.

Арбен Жарку ја претстави работата на Кинематографскиот центар на Косово, Сехад Цекиќ ја презентираше работата на Филмскиот центар на Црна Гора, додека Ана Василевска зборуваше за копродукциските активности на Агенцијата за филм на Северна Македонија. Модератор на презентациите беше Бригид О’Шеј.

Посебни термини за презентација имаа Мартичка Божилова, која зборуваше за Балканскиот документарен центар и „Агитпроп“, а македонскиот продуцент Атанас Георгиев и Лорен Кушнер, од Документарниот филмски фонд од Сан Франциско (САД), зборуваа за соработката што ја остварија во промоцијата на најуспешниот македонски документарец оваа година – „Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов.

На форумот присуствуваат и Хеле Хансен, комесар од Норвешкиот филмски институт, Лиза Ниед од „Скане“ (Шведска) и Сорен Тарп од Данскиот филмски институт. Пред учесниците на форумот тие ќе ги презентираат можностите на нивните фондови за поддршка на копродукциите на документарни филмови за продуценти од нашиот регион. На форумот присуствуваше и директорот на македонската Агенција за филм, Горјан Тозија.