Почна дистрибуцијата на вакцината на „Модерна“ во САД

Компанијата Модерна и нејзините партнери започнаа да ја дистрибуираат својата вакцина против Ковид-19, а камионите се очекува денеска да се упатат на повеќе од 3.700 локации во САД, изјави денеска американскиот генерал Густав Перна.

Втората вакцина против Ковид-19, која беше одобрена од американските регулатори, треба да стигне најрано утре во здравствените установи, посочи Перна, кој е шеф на владината програма за развој на вакцината, објави Гласот на Америка.

Тој додаде дека САД се на пат да обезбедат доволно дози на вакцини Фајзер и Модерна до крајот на годината за да вакцинираат 20 милиони луѓе, но дека нивната испорака може да продолжи во првата недела од јануари.

Администрацијата за храна и лекови (ФДА) даде зелено светло за итна употреба на вакцината Модерна во петокот.

Одлуката на ФДА се заснова на резултатите од студијата во која учествуваа 30.000 волонтери и откри дека во речиси 95 проценти од случаите е ефикасна во спречување на Ковид-19, без сериозни грижи за безбедноста на вакцинираните лица.

Во САД, вакцинацијата веќе е во тек со вакцината Фајзер/Бионтек, која прво им се дава на здравствените работници, жителите и вработените во домовите за стари лица и политичките лидери.

Американските власти соопштија дека досега се испорачани 2,9 милиони дози вакцина Фајзер, а други два милиони се подготвени за испорака следната недела.

Сепак, гувернерите на повеќе од 10 американски држави објавија дека федералната влада им соопштила дека следната недела ќе има помалку дози во испораките на вакцината Фајзер отколку што првично се очекуваше.

По тој повод, генералот Перна денеска се извини за конфузијата во комуникацијата со државите во врска со бројот на дози што ќе бидат испорачани во раната фаза.

Перна рече дека погрешил во проценката на бројот на дози одобрени од регулаторите за испорака, што е помалку од бројот на произведени дози.