Почна дистрибуцијата на новите учебници за основно образование


Фото: Независен весник

Министерството за образование и наука информира дека во текот на вчерашниот ден
започна испораката на новите учебници за прво, второ, четврто и петто одделение во
основното образование.

До крајот на овој месец ќе биде завршена дистрибуцијата на 70% од учебниците за
овие одделенија. Станува збор за целосно нови учебници, изработени согласно новите
наставни програми и тие ќе ги заменат наставните материјали кои ги користат
најмалите ученици и кои им беа поделени пред почетокот на учебната година, а ја
обработуваат материјата за првото тримесечје.

Веднаш по печатењето и испораката на учебниците за основното образование,
продолжува печатењето на повеќе нови учебници за средното стручно образование.

Во меѓувреме, МОН заедно со другите надлежни институции континуирано ќе
продолжи да вложува во нови наставни програми и учебници, затоа што тоа е еден од
основните услови за квалитетна едукација, односно воспитно – образовен процес.