Почна дигитализацијата на архивата во Прилепскиот театар
Во тек е дигитализацијата на старата архива на Прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“.
Дигитализацијата се спроведува преку Центарот за култура „Марко Цепенков“. Се скенираат фотографии, плакати, исечоци од весници – големо богатство архивски материјал создавано од почетоците на Театарот, од 1950 година до 2000 година.
-Архивата на театарот, која сведок е создавањето на театарската историја во градот, е сместена во папки во кои има фотографии и плакати од премиери од секоја година поединечно, како и друг материјал, односно исечоци од весници во кои се пишувало за одиграната претстава. Ова е голем проект за Театарот и ќе трае подолгорочно, бидејќи треба да се обработат илјадници фотографии и плакати, со што ќе се заштити театарското наследство, информираат од приелпскиот Центар за култура „Марко Цепенков“.
Проектот е поддржан од Министерството за култура во 2021 година, со што беше набавена соодветна опрема за дигитализација.
Во мешувреме, во театарот „Војдан Чернодрински“ се интензивираат подготовките за претставата „Декамерон“ во режија на Мартин Кочовски.
Првата одиграна претстава во прилепскиот театар е на 18 февруари 1950 година. Тоа е претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ во режија на Аце Михајловски. Годинава одбележува 72 години постоење.