Почна демонтирање на оргулите од катедралата Нотр Дам по пожарот во 2019 година


Инструментот во славната париска црква, кој има 8.000 цевки и пет клавијатури, ќе биде исчистен и поправен

 

Почна работата за расклопување на големите оргули во катедралата Нотр Дам во Париз, која избегна сериозна штета по катастрофалниот пожар во април 2019 година.

Инструментот, за кој се верува дека е најголем во Франција, беше недопрен од пламенот што се закануваше дека ќе ја зафати целата зградата и тоните вода што ја користеа пожарникарите за гаснење на пожарот.

Иако во голема мера е поштеден, експертите велат дека инструментот претрпел оштетување од топлината и е обложен со прашина од 460 тони оловни плочки од покривот на катедралата кои се стопија. Со уништениот покрив и изложеноста на внатрешноста на катедралата, големите оргули исто така страдаа од топлотниот бран минатото лето.

Во понеделник, работниците започнаа со одвојување на инструментот, кој има 8.000 цевки, пет клавијатури и 109 копчиња за стопирање. Цевките ќе се чистат и санираат секоја поединечно.

Целта е оргулите, кои се наоѓаат на 16 метри над подот, да засвират повторно на 16 април 2024 година, точно пет години од пожарот, желба изразена од претседателот Емануел Макрон.

Винсен Дубоа, еден од трите оргулисти на катедралата, рече дека инструментот е „извонреден“.

„Колку е повисоко, толку е подобар и заокружен звукот. Тоа е звук кој е исклучително топол. Ако ја додадете на ова акустиката на местото, тој дава звук кој е апсолутно необичен, што не постои никаде на друго место. Тоа е она што го прави инструментот толку познат“, рече тој за РФИ.

Откако ќе се санираат оргулите, ќе бидат потребни шест месеци за да се наместат и наштимаат.

Минатиот месец Елисејската палата објави дека катедралата од 12. век ќе биде повторно изградена како што беше пред пожарот. После пожарот, Макрон предложи споменикот да може да се реновира со „современ архитектонски гест“ што доведе до сите видови на диви предлози, вклучително и стаклена дупка и базен на покривот.

Сепак, по состанокот со Комисијата за националното наследство и архитектура на земјата, претседателот рече дека прифатил катедралата да биде вратена на нејзиниот изглед пред пожарот. Ова го вклучува и врвот, додаток од 19. век во готски стил од славниот архитект Ежен Виолет-ле-Дук, чии планови се зачувани.

„Претседателот има доверба во експертите и ги одобри контурите на проектот презентиран од главниот архитект, кој вклучува и обнова на врвот точно како што беше“, рече Елисејската палата во јули.

Работата за отстранување на сплотената мрежа од скелиња која беше подигната пред избувнувањето на пожарот – што се сруши врз камената структура на катедралата, треба да заврши „најдоцна до крајот на септември“, изјави генералот Жан-Луј Жоржелан, кој ја надгледува обновата. (Според агенциите)