Почна AI Fest 2025, Македонија дел од глобалната AI иницијатива на Microsoft

Во Семос Едукација денеска почна AI Fest 2025, најголемиот фестивал за вештачката интелигенција во регионот. Фестивалот ќе трае 50 дена, до 5 јуни, и ќе вклучи бројни активности и обуки за усвојување вештини поврзани со вештачката интелигенција.
Во рамки на почетокот на AI Fest 2025 се одржаа 60 бесплатни вебинари на 18 различни теми насочени кон бизнис корисници, ИТ професионалци и AI ентузијасти, обид за поставување GUINNESS WORLD RECORDS™ за најголем број корисници вклучени во AI онлајн сесии во период од 24 часа, панел-дискусии, практични обуки, испити и многубројни интерактивни активности за различни целни групи.
-Сепак, дигиталната трансформација не е само за институции или компании. Таа почнува со секој поединец. Во новата дигитална ера, дигиталната писменост е новата писменост. Затоа вложуваме во програми за преквалификација, дигитална едукација за ранливи групи, и посебно во создавање на AI вештини кај младите, рече министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски кој присуствуваше на отворањето.
Фестивалот се одржува како дел од Националната иницијатива за развој на AI вештини, глобален проект креиран од Microsoft во соработка со партнери низ светот, меѓу кои и Семос Едукација како официјален партнер за Македонија и регионот. Иницијативата беше поддржана од Министерството за дигитална трансформација и партнерите Support and Solutions Center, Стопанска банка, Телеком, Триглав Осигурување и други компании и институции, кои ја препознаа важноста на развојот на AI капацитети во земјата.
-Националната иницијатива за развој на AI вештини претставува стратешки чекор напред, со кој обезбедуваме секој граѓанин, од студент до искусен професионалец, да има пристап до квалитетна едукација и практични знаења во областа на вештачката интелигенција. Македонија мора да биде препознаена ширум светот! За следната генерација, за младите, единствениот пат кон модерно и развиено општество е преку технологија — а вештачката интелигенција е најветувачката можност во моментов. истакна Валентина Тасева, сопственик и директор на Семос Едукација.