Починатите во болницата во Тетово биле на возраст од 29 до 79 години
Починатите во пожарот во тетовската модуларна болница биле на возраст од 29 до 79 години, рече министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција. Тој потврди дека во моментот на пожарот во модуларната болница биле хоспитализирани 26 пациенти, а од персоналот имало и двајца лекари и четири медицински сестри.
Дванаесет пациенти кои се евакуирани безбедно во моментов се хоспитализирани во болницата во Тетово, и тие се во стабилна здравствена состојба и немаат последици од пожарот. Нема повредени или починати здравствени работници, рече Филипче.
Филипче на прес конференцијата рече дека не бега од одговорност, но ќе почека да заврши истрагата, образложувајќи го тоа дека во овој период треба да се менаџираат работите поврзани со ковид кризата.
„Имаше повика за моја оставка, но ќе инсистирам прво да заврши истрагата, па ќе донесам одлука. Јас не бегам од одговорност, но и во овој период има потреба од менаџирање и после завршување на истрагата ќе донесам одлука дали ќе поднесам оставка. Тешко е да се опише со зборови тежината и болката која што ја носам и изразувам длабоко сочувство до семејствата на загинатите”, рече Филипче.
Тој одби да каже нешто повеќе околу можните причини за трагедијата нагласувајќи дека има повеќе шпекулации, но дека треба да се почекаат резултатите од истрагата.
На Институтот за судска медицина се предадени телата на 14 пациенти и за дел е завршена обдукцијата, рече тој. Освен класичните обдукциски наоди, ќе се прават и анализи на ДНК за што се информирани и членовите на семејствата на пациентите, додаде министерот за здравство.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека смета дека болниците кај нас се безбедни, а во врска со присуството на блиски и роднини на пациентите во ковид болницата во Тетово рече дека за тоа треба да се позанимаваат надлежните институции.
„Се доведуваше во прашање квалитетот и безбедноста. Она што тука го имам со мене, тоа е целата документација за набавка и поставување за модуларните болници, и сето тоа е со запазени строги стандарди и постапки во вакви проекти поддржани од Светска банка, рече Филипче додавајќи дека истрагата треба да утврди дали тоа се почитувало по предавањето во употреба на објектот.
„Во наш најголем интерес е точно да се утврди што се случило“, рече Филипче, додавајќи дека интерниот увид покажал дека се што е вградено од материјалите е со сертификат, а процесот на инсталација е со соодветно тестирање.
Тој објасни дека модуларниот центар се предава на болницата, која се грижи за понатамошно управување и одржување.
„Апелирам до граѓаните и медиумите да не создаваат паника и недоверба кон самите ковид центри кои значат многу и спасуваат многу животи. Вакви објекти се користат во многу места во светот, пожари се случуваат, и затоа апелирам прво да се сочека резултатот од истрагата“, рече Филипче.
Дел од прашањата на прес конференцијата беа и во врска со присутво на роднини на ковид болните во модуларната болница, како и дали поради таквите пропусти ќе биде разрешен директорот на тетовската болница. Филипче и во врска со ова рече дека прво треба да се почека што ќе утврди истрагата.
Тој додаде дека според досегашните информации во моментот на избувнување на пожарот имало две лица кои биле во посета.
„Во принцип, посетите во ковид одделенијата се забранети. Но, со сертификати за вакцинација биле пуштани лица да ги посетат болните. Посета има практично секогаш, рече тој додавајќи дека и од негово лично искуство знае дека такво нешто тешко се контролира.
„Но, и за ова се прави истрага од инспекторите на Државниот санитарен здравствен инспекторат“, рече министерот Филипче.