Почина Жарко Луковски, поранешниот извршен директор на Т-Мобиле


Попладнево во Скопје, на 57-годишна возраст, почина поранешниот главен извршен директор на Т-Мобиле, Жарко Луковски.

Засега нема официјални информации, но според некои медиуми, тој починал денеска во болница како последица на мозочниот удар кој го доживеал вчера.

Луковски во својата професионална кариера уште од 2006. година беше на високи раководни позиции во Т-Мобиле, а во 2015. година беше поставен за главен оперативен директор на Македонски телеком.

Луковски стана познат во јавноста поради неговите поврзувања во големиот број скандали за време на претходната власт, почнувајќи од контроверзната офшор компанија Ексико, преку случајот „Базни станици“ на СЈО, па се до случајот „Рекет“ како еден од бизнисмените од кои биле изнудувани пари.

Тој во случајот „Базни станици“ беше осомничен за злоупотреба на над 3,5 милиони евра во корист на АД Бетон, а на штета на акционерите на Т-Мобиле.

Неговото име и неговиот глас се слушаа и споменуваа во бомбите на опозицијата. Важеше за близок човек до Орце Камчев и има кумовски врски со Сашо Мијалков.