Почина Вукашин Вишњевац, тренерската легенда и творецот на шампионскиот Вардар

Прославениот југословенски фудбалер и тренер, Вукашин Вишњевац, почина денеска на 80-годишна возраст.

Легендарниот Вишњевац е роден во 1939 година, а во својата кариера настапуваше за екипите на Игман, Сараево, Слога Добој, Ровињ и Истра, а потоа својата тренерска кариера ја градеше во некогашните југословенски прволигаши Сараево, Вележ, Олимпија, Војводина, Ријека и Приштина.

За македонската фудбалска јавност тој е важен како креаторот на оној силен Вардар од осумдесеттите години на минатиот век. Вишњевац во два наврати од 1983 до 1986 го водеше најтрофејниот македонски фудбалски клуб, а токму во неговиот прв мандат започна подемот на Вардар, кој потоа по неговото заминување успеа да дојде и до шампионската титула во силното првенство на СФРЈ.

Вишњевац има огромни заслуги и ќе остане запаметен како човекот кој ги лансираше и под негово водство дебитираа голем број играчи кои потоа ќе ја освојат титулата како Дарко Панчев, Драги Сетинов, Чедомир Јаневски и други. Освен како тренер, Вишњевац остави трага во Вардар и со тоа што целосно го реформираше спортскиот сектор, инсистирајќи на играчи од својата школа, но и ги собираше најдобрите фудбалери кои играа во клубовите на територијата на Македонија.

Вишњевац во својата кариера работеше и во клубови во Кувајт и Саудиска Арабија, а беше селектор и на Јордан. Во Фудбалската федерација на Југославија работеше 10 години, беше тренер на младата репрезентација (У21) на Југославија, со која играше финале на ЕП. Со олимписката репрезентација на Југославија освои бронза на ОИ 1980. година во Москва. Во улога на тренер на репрезентацијата беше на Светското првенство 1982. година во Шпанија.