Почина универзитетскиот професор и дипломат Јован Донев


На 71-годишна возраст денеска во Скопје почина универзитетскиот професор, научник и дипломат Јован Донев, кој зад себе остави богата академска, научна и дипломатска кариера.

Донев беше истакнат истражувач во областа на македонската историја, меѓународните односи и геополитичките процеси поврзани со Македонија и Балканот.

Дипломирал на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1979 година. Магистерските студии ги завршил во 1986 година, а докторирал во 1993 година, при што значителен дел од неговата научна работа бил посветен на меѓународните политички аспекти на македонското прашање.

Својата научна кариера ја градел во Институтот за национална историја во Скопје, каде што се стекна со звањата научен советник и редовен професор. Предавал на повеќе високообразовни институции, меѓу кои Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје и Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Од 1999 до 2012 година беше извршен директор на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро-Балкан“, а претходно ја извршуваше функцијата директор на Охридскиот летен универзитет. Во текот на 1990-тите години беше претседател на Управниот одбор на Фондацијата Институт Отворено Општество Македонија.

Во дипломатската служба, Донев беше амбасадор на Република Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, со седиште во Лондон, во периодот од 2013 до 2017 година. Во истиот период бил акредитиран и како амбасадор во Ирска и Исланд. Во 2017 година беше и член на Советот за безбедност на Република Македонија.

Донев е автор и коавтор на бројни научни трудови и публикации од областа на историјата, меѓународните односи и надворешната политика. Меѓу неговите позначајни дела се трудови посветени на Македонија во меѓународните договори, односот на големите сили кон Балканот, како и на македонското прашање во периодот на Балканските војни.