Почина Тони Баталаков, поранешен првенец и директор на балетот


На 76 години почина Тони Баталаков, педагог-репетитор, поранешен првенец и директор на балетот. Во МНТ е од 1964 до 1992 година, каде што работи како солист, долгогодишен репетитор, директор на Балетот од 1979 до 1989 година, педагог во училиштето, каде што предава Класичен балет и Дуетен танц.

Средното балетско образование Тони го оформува во Скопје во класата на Александар Доброхотов. Уште како ученик настапува во некои претстави на Балетот на МНТ. Од 1964 година е сместен во редовите на ансамблот, каде што танцува во сите репертоарни изведби. Постепено станува солист, а прва главна ролја му е Кнезот во балетот „Тамара“(1965). Танцувајќи кореографии со различни стилски определби, создава и остава обемен репертоар.
Неговите изведби се класични, стилизирана класика, модерни кореографии, карактерни стилизации, до драмски изведби. Најзабележителни креации постигнува во карактернодрамскиот фах, но и модерните стилизации не заостануваат.
Во класичен стил ги изведе следните ролји: Пријатели на Франц во„Копелија“ (1963), „Балада за Скопје“ (1967), Парис и Ромео во „Ромео и Јулија“ (1969), Алберт во „Жизел“ (1973 и 1987), Валс на пролетта во „Штраусијада“ (1976) и др.