Почина Тачко Локвенец, мајсторот на македонскиот журнализам


Тачко Локвенец, новинарот кој успеа Прилеп да го наметне како еден од центрите на општествениот живот на Македонија, почина денеска на 79 години од компликации од корона вирусот. Локвенец беше еден од врвните мајстори на македонскиот журнализам, често недофатлив во својот стил.

Неговото златно време беше во годините кога работеше како дописник на „Нова Македонија“ од Прилеп. До ден денешен остана во сеќавање неговата рубрика „Во Прилеп се зборува… и молчи“ и неверојатните приказни од судницата, каде преку обичните граѓански спорови ги прикажуваше сите проблеми на општеството, кое тогаш ги доживуваше последните петнаесетина години од социјализмот, а луѓето се бореа како да ги калибрираат своите односи еден кон друг.

На одреден начин Тачко Локвенец беше продолжувач на една лоза на македонски новинари, кои генерациски беа пред него, но нишката што ги поврзуваше беше извонредното знаење на зборот. И како тој да се употреби. Тогаш на новинарството се гледаше повеќе како на умешност на стилот и мајсторството, отколку на професија која само пренесува информации. Како и многу други работи во општествово, таквиот журнализам беше потиснат пред налетот на брзината на вестите. Но умешноста на новинарскиот израз на Тачко Локвенец остана запаметена и на некој начин сѐ уште пренесува порака дека журнализмот не е само во веста или политичката дебата. Дека во општеството се случуваат такви слоевити промени и има толку меѓуврски што некој треба да ги забележи. А тоа Тачко знаеше да го направи на извонреден начин. (Н.В.)