Почина Слободан Трајковски, новинарот кој беше симбол за надворешната политика


Едно од децениските препознатливи лица на Македонската телевија, новинарот Слободан Трајковски, почина денеска. Трајковски го изгради својот голем углед во новинарската професија и во јавноста како надворешно-политички коментатор уште од времето на Телевизија Скопје во поранешната СФРЈ. Многумина и денес се сеќаваат на неговите извештаи од многу светски дестинации, од големи меѓународни собири, како самити на Неврзаните, на неговите коментари за случувањата особено во времето на студената војна и односите меѓу големите сили. Беше исклучително почитуван и ценет меѓу неговите колеги поради знаењето и разбирањето на светската политика. Едно кратко време беше и во дипломатијата како генерален конзул во Торонто.

Целиот свој новинарски век го помина во Македонската телевизија. Во 1996 година беше поставен за генерален директор на МРТВ. Во тие години на неговото директорување се емитуваше особено важната политичка емисија „Без наслов, но со повод“, која остана во јавното сеќавање како извонреден политички новинарски производ, а новинарите кои ја подготвуваа подоцна се етаблираа во врвот на македонскиот журнализам.

Трајковски беше силен поддржувач на независноста на новинарската професија и беше дел од протестите во времето на Никола Груевски кога се бараше од новинарскиот кадар во МРТВ да се ослободи од цврстите стеги на власта и да работи според журналистичките стандарди.