Почина сликарот Омер Калеши


По подолго боледување денеска во Истанбул почина уметникот Омер Калеши, на 90-годишна возраст.

„Тој беше исклучително позитивен пример за духовен свет врзан за вредностите на Балканот, човек кој што ги бранеше достоинствата на убавината на балканската цивилизација и сите културолошки соединувања наспроти наметнатите разединувања“, стои во објавата на Националната галерија, која во својата постојана поставка во Даут пашиниот амам поседува две негови дела.

Роден е во далечната 1932 година во селото Србица. Татко му бил Албанец, а мајка му Македонка од исламска вероисповед. Матурирал отсек електроника при средното техничко училиште во Скопје во 1950 година. Шест години подоцна емигрира во Турција. Таму влегува во светот на уметноста, поточно во 1959 година кога почнува со студии на Ликовната академија во Истанбул. За време на студиите, во 1962 година пет месеци патува низ Турција заедно со Ергин Колбек и Октај Аниланмерт. Извесни импресии од ова патување го инспирираат при креацијата на неговите платна (на пример: чобаните). Три години подоцна ги завршува студиите на Ликовната академија во Истанбул во класата на професорот Бедри Рахми. Се преселува во Париз каде живее и работи.

Сликарството на Омер Калеши високо го вреднувале Жак Лакаријер, Жил Жуанар, Ален Боске, Луан Старова, Јордан Плевнеш и други. Познатиот албански автор, Исмаил Кадаре, за Калеши има објавено и му посветил посебна монографија.

На 6 јуни 2018 година, Омер Калеши е избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите.