Почина славниот композитор Анџело Бадаламенти, авторот на музиката од култните филмови на Дејвид Линч


 

САД- На 85 години почина славниот композитор Анџело Бадаламенти, кој ја напиша музиката за култни филмови на Дејвид Линч, како „Сино кадифе“, „Твин Пикс“ и „Малхоланд драјв“.
Неговото семејство соопшти дека починал од природна смрт во неделата, во неговиот дом во Њу Џерси.

Линч и Бадаламенти станаа добри пријатели и соработници, соработувајќи и на наслови како „Диви во срцето“, а Бадаламенти се појави и во сцена во „Малхоланд драјв“, а свири на пијано покрај Изабела Роселини во сцена во “Сино кадифе”.

Во долгата и разновидна кариера, Бадаламенти соработуваше и со легенди како Нина Симон, Дејвид Боуви, Пол Макартни, Лајза Минели, „Пет шоп бојс“, а ја напиша и свечената музика за Олимпијадата во 1992 во Барселона.

За музиката на „Твин Пикс“, која ја напишал без да види ниту еден кадар, се инспирирал само од разговорите со Линч, Бадаламенти доби Греми награди и три Еми номинации.

Често ги посетувал Линч и актерите за време на снимањето и им свирел, за „актерите да можат да ја почувствуваат атмосферата“. Говорејќи за неговата интуиција „да ја почувствува атмосферата“’, Линч во 2005 за „Њујорк тајмс“, изјави: „Седам и разговарам со Анџело за некоја сцена и одеднаш тој почнува да ги свири тие зборови на пијано. Кога почнавме да работиме заедно, веднаш се поврзавме. Јас ништо не знаев за музика, но бев љубопитен за музичките ефекти и чувствата кои ги носи музиката. Многу научив за тоа од Анџело, колку се тие поврзани“.