Почина родилката која скокна од прозорец на ГАК


Фото: Б. Грданоски

Почина 39-годишната родилка која пред 12 дена скокна низ прозорец од првиот спрат на Клиниката за гинекологија и акушерство.

Родилката починала вечерва околу 21 часот на Клиниката КАРИЛ.

Жената била донесена на ГАК во 36 недела од бременоста, а по породувањето со царски рез, мајката и бебето биле во добра здравствена состојба. Детето на родилката ѝ било прво и станувало збор за посакувана бременост.

Пациентката која се породи на 28 јуни, два дена по породувањето се пожалила на лесна вознемиреност на медицинскиот персонал, па била посетена од психолог и не било нотирано дека пациентката пројавила симптоми кои укажуваат дека постои закана од суицид.

Поради веќе утврдените симптоми на лесна вознемиреност, истиот ден бил креиран упат за проценка на натамошната состојба и за евентуалната потреба од дополнителна терапија од страна на психијатар пред исписот од Клиниката.

Според ГАК таа имала само знаци на лесна вознемиреност која е честа состојба кај родилките.

Државниот санитарен и здравствен инспекторат констатираше пропуст што на 39-годишната жена докрај не и’ била обезбедена психолошка поддршка пред да скокне од прозорецот на Гинекологија.