Почина Ратка Димитрова, пратеничка од првиот парламентарен состав


Пратеничката од првиот парламентарен состав од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ратка Димитрова, почина денеска на 80 години. Димитрова, која дипломираше на Факултетот за музика во Љубљаана, а потоа магистрираше на Конзерваториумот „Петар Илич Чајковски“ во Москва, по прогласувањето на независноста на државата се вклучи во политиката. Таа беше основач на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

Последната деценија таа беше голем критичар на политиките на Никола Груевски и идеолошкото скршнување на партијата. Во 2016 година таа изјави: „Идеологијата на ВМРО -ДПМНЕ не е она што беше некогаш. Денеска во ДПМНЕ нема идеологија, или е тотално спротивна на вмровската. ДПМНЕ треба да се врати на старата идеологија, затоа што оваа партија од секогаш била широка во душата за сите народи и народности, и тоа треба да се врати“.

Ратка Димитрова е мајка на Никола Димитров, досегашниот министер за надворешни работи и кандидат за член на владата што треба да се избере денеска до полноќ на местото вицепремиер за европски прашања. Таа е сопруга на Димитар Димитров, истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен министер за образование и за култура, а потоа и амбасадор во Москва.