Почина професорот Ѓорѓи Марјановиќ

По воведувањето на повеќепартискиот систем ја основа и е избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија – Лига за демократија


Почина универзитетскиот професор Ѓорѓи Марјановиќ. Тој подолг период имаше здравствени проблеми.

Марјановиќ дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1962. Магистрирал на постдипломските студии по казнено-правни науки на Правниот факултет во Загреб во 1968 со тезата: “Правните последици на осудата”. Докторирал на Правниот факултет во Скопје во 1973 со тезата “Правната положба на осуденикот по издржаната казна”.

 

Сиот работен век, освен приправничкиот стаж (1962-1964) во Основниот суд-Скопје II, го поминал на Правниот факултет во Скопје: асистент (1965-1974); доцент (1974-1979); вонреден професор (1979-1985) и редовен професор (1985-2001).

По воведувањето на повеќепартискиот систем ја основа и е избран за претседател на првата опозициона партија во Македонија – Лига за демократија (од 21 ноември 1989 година, кога ја напишал нејзината политичка платформа). На чело на партијата е до 2006 година, кога по парламентарните избори, се повлекува од функцијата претседател на Лигата за демократија.

Познат е по своите колумни во „Утрински весник“ и во „Дневник“, а по локалните избори 2005 година е советник во Советот на Град Скопје.

Проф. Марјановиќ е познат што прв во ексЈугославија покрена судска постапка за укинување на вербалниот деликт, по своите либерални  и демократски јавни настапи, по преводот на Пруст и по својата демократска ориентација.