Почина проф. д-р Миколај Кузиновски, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје

Во Скопје денеска почина проф. д-р Миколај Кузиновски, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје при Универзитетот Кирил и Методиј во Скопје.

Професорот Кузиновски учествуваше во делот на образовниот процес, настава на прв, втор и трет циклус на студии на Машинскиот факултет и важеше за еден од исклучителните истражувачи во полето на науката со објавени преку 130 научни трудови и 130 стручни трудови. Забележително е неговото учество како член на многу уредувачки одбори, редакциски одбори, членство во научни друштва и совети, како и учество во постојани комисии на Наставно-научниот совет на Машински факултет Скопје. Тој е автор и коавтор на неколку книги.

Од општествената јавност беше оценет како еден од најдобрите познавачи на состојбите во високото образование, оставајќи непроценливо богатство во развојот на Бирото за метрологија, Советот на Институтот за акредитација на Република Македонија и особено како заменик претстедател на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование на Република Македонија.

За проф д-р Кузиновски беше предизвик и одговорност да се работи и на меѓународната соработка, и во таа насока долга низа години ја извршуваше функцијата Координатор за соработка помеѓу Машинскиот факултет во Скопје и Институтот за технологија на машини и автоматизација при Вроцлавската Политехника во Република Полска.

Своите визии и прогресивни идеи за подобрување на состојбите јасно ги изразуваше и беше посветен на отворање дијалог за имплементација на подобрувањата, не само на матичниот универзитет, туку и на други универзитети, меѓу кои и Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, Универзитетот Визион – Гостивар.

Професор Кузиновски даде особен придонес во реализацијата на многу проекти во индустријата залагајќи се за примена на научните резултати, и тоа во МЗТ ФОП, МЗТ Пумпи, МЗТ Леарница , Цеменетарница, Свемек и многу други.

Добитник е на повеќе награди, признанија и благодарници, меѓу кои и наградата „Награда од Владата на Република Македонија, Министерство за образование и наука на Република Македонија за најдобро оценет научноистражувачки проект со наслов: Современи методи на истражување на карактеристиките на тродимензионалната геометриска структура на обработената површина“.