Почина Питер Мејхју, познат од улогата на Чубака


 

Актерот Питер Мејхју, познат по улогата на Чубака во оригиналната „Star Wars“ трилогија, го загуби животот оваа недела, а веста ја потврди неговото блиско семејство.

Питер Мејхју почина на 74-годишна возраст и зад себе остави огромно наследство како во филмската индустрија, така и во светот на поп-културата.

Актерот почина на 30 април во неговиот дом на северот од Тексас. Неговото семејство во длабока тага ја соопшти веста за смртта на секогаш насмеаниот Питер, кој со неговите 218 сантиметри височина беше совршен за улогата на Чубака.

„Семејството од ‘Star Wars’ за него беше повеќе од само филмска улога. Повеќе од 30 години Питер патуваше насекаде низ светот за да помине повеќе време со неговите фанови и со пријателите“, пишува во соопштението од семејството на Мејхју.

Според Џ.В. Ринзлер, авторот на книгата „Правењето на ‘Star Wars’“, Мејхју бил одбран за улогата на Чубака сосем случајно, откако дел од екипата на филмот го забележала насмеаниот џин во статија во магазин. Веднаш решиле да го повикаат за да го проба костумот на Чубака, а останатото е историја.

Питер Мејхју никогаш не престана да биде во улогата на Чубака, дури и надвор од костумот. Тој се појави во сите продолженија на „Star Wars“ до 2017 година, кога се откажа од актерската професија поради компликации на здравствената состојба. Тој беше во улогата на Чубака цели 30 години.
Неговите колеги му оддадоа последна почит преку социјалните мрежи, а го најавија и нивното присуство на погребот на Питер Мејхју.